Курунта Јога – автентична антигравитациска јога

Јога Курунта е традиционален, автентичен метод на практикување јога асани со помош на ѕидни јажиња, развиен од страна на познатиот јога учител B.K.S. Iyengar, основачот на јога стилот Iyengar Yoga. Овој стил на јога се заснова на прецизност во држењето на телото во секоја јога асана и потполна контрола на дишењето и виталната енергија (pranayama).

На почетоците јажињата биле закачени на железните решетки од прозорите и им служеле на јога практикантите да развијат стабилност и поголема флексибилност.

Мускулна сила, мобилност и стабилност се дел од бенефитите од практикување на овој метод.

Според Geeta S. Iyengar, ќерката на B.K.S. Iyengar, ѕидно јаже е од непроценливо значење за практиканти со намалена флексибилност, вкочанетост, недоволно развиена мускулна сила или од било која причина не се во можност да изведуваат одреден тип на асани.

На пример, многу практиканти кои се почетници најчесто не се спремни за инверзии, па така ѕидното јаже го олеснува овој процес овозможувајќи стабилност и сигурност. Како гранка на Iyengar Yoga, овој метод кај практикантите развива свесност за ориентација на своето тело. Со нагласена практична примена на анатомијата, практикантите доживуваат подлабоко отворање на одредени делови (гради, колкови) додека истовремено целосно го зајакнуваат и тонизираат целото тело.

Овој стил на јога e безбеден за практиканти од секое ниво на пракса, телесна конституција и возраст.

Навистина има безброј причини и можности кои ги нуди Корунта Јога методот на практикување јога асани. Во овој краток информативен текст, ќе наведам само 5:

  • Откриваме нов и интересен начин на стандардното практикување јога

Ѕидното јаже ја менува перспективата на нашето навикнато практикување и разбирање на јога асаните, од свиткувања наназад и нанапред, до торзии и инверзии. Една од дефинициите за јога асана праксата е “Скротување и контрола на физичката и менталната енергија со цел да доживееме целосна ревитализација”. Со помош на ѕидните јажиња и нивната безбројна примена го насочуваме телото и умот во состојба на баланс и потполна смиреност.

  •  Достигнуваме повисоки нивоа на пракса

Нашето тело е стабилизирано од тракцијата на јажињата, со што се истегнуваат и зајакнуваат недостижните делови од ‘рбетниот столб во положби како Sarvangasana (свеќа), Halasana (плуг). Покрај другите асани, и во Bhujangasana (кобра) ни е овозможено подлабоко свиткување наназад, пошироко отворање на градниот кош и интензивно ослободување во рамениот појас.

  • Поради задржување во положбите, ги чувствуваме бенефитите од секој асана

Бидејќи телото ни е врзано со јажињата, а стапалата прицврстени на подот, положба како Adho Mukha Svanasana може да ја задржиме и подолго време од вообичаено. Ова ни дозволува да се посветиме на дишењето и потполно доживување на асаната.

Зголемената циркулација на внатрешната кривина од долниот дел на ‘рбетниот столб е од огромно значење за сите практиканти, особено за оние кои патат од кифоза на ‘рбетниот столб.

Со помош на ѕидните јажиња практикантите може да ги задржат и обратните положби подолг временски период, во потполно опуштена состојба, без да го чувствуваат притисокот од својата телесна тежина врз својата глава, врат или раменици.

  • Зацврстување на положбата и развивање на движењата

Се зголемува мобилноста во зглобовите, бидејќи на телото му е дозволено да се движи подалеку од опсегот на секојдневните движења. Моментумот што се создава додека се впуштате напред во Bhujangasana (Кобра) и потоа се враќате назад во Urdhva Mukha Paschimottanasana (длабоко свиткување нанапред), носи агилност и леснотија, истовремено зајакнувајќи го фокусот и концентрацијата.

  • Ќе се “закачите” за озбилно

Откако ќе ги почувствувате непосредните ефекти, излегувајќи од студиото со чувство на слобода, извишеност и флексибилност во грбот, едвај ќе чекате да се закачите пак 🙂

Иако овозможува забава и слобода во движењата, главната намена на овој метод е од терапевтска природа и овозможува навистина широк спектар на подобрувања на психофизичкото здравје на практикантот.

Сепак, да не заборавиме дека е потребно трпение, решителност (tapas) и дисциплинирана пракса под водство на искусен, автентичен јога учител за да добиеме долготрајни резултати.

Маитри Јога е првото јога студио во Скопје (па и во Македонија 🙂 кое нуди традиционални јога часови според овој метод, секој вторник и четврток од 19:15ч. Доколку сакате да бидете дел од првата група на практиканти, резервирајте го вашето место преку порака на нашата Facebook страна.